Колумни
Црно бел свет…
Колку и да посакуваме „La vie en rose“, сѐ уште се играме „Црно бели свет“ на Даворин Боговиќ од „Прљаво казалиште“.
Талентот игра по сопствен избор и ритам, не игра како му свират, театарот не смее да се извалка со дневните политики, гледачот мора да излезе поубав по претставата, тоа е катарза за која уште Аристотел пишувал. Но ако веќе мора да се игра како што ни свират, барем да имаме добри свирачи… А сѐ почесто наместо свирачи слушаме свиркачи и од животот направивме контрасти, поделба на црно и бело, добро и лошо, често и оксиморонски поделби на паметни морони, убави грдотии, професионални аматери и други какафонии.
Животот го поделивме на успех и неуспех релативизирајќи ги и двете во крајности, а всушност се комплементарни и се надополнуваат оти на еден успех му претходат илјада неуспеси, една победа исто толку порази. Чуму тогаш таков антагонизам во перцепциите, како да сме чипувани со или – или, или те има или те нема ако си неуспешен, забораваме на претходните успеси и победи, меморијата сака да ни складира само порази и негативности, сака да ги кине конците со минатите постигнувања.



