Колумни
Први мај – меѓународен ден на прасето!
Први мај – меѓународен ден на прасето (скарата), пардон, на работникот, залиен со цинизам кој се добива како микс од идеологијата на трудбеникот и театрологијата на неработникот.
Го славиме работникот во време на невработеноста, која ја крие својата статистичка вистина колку и жената годините (пак и се познаваат, колку и да ги крие)! Колку многу е пишувано за трудољубието и работливоста низ историјата…
Толстој бил најсреќен кога работел со селаните на поле, без оглед што бил со грофовско потекло. Балзак бил воркохолик, за 51 година животен век напишал циклус од стотина романи и раскази, а за работата велел дека е закон на уметноста и на животот. „Треба да се навикнеме да работиме и потоа нема да можеме да живееме без работа, с,е на светов зависи од неа“ -вели Луј Пастер, а Максим Горки сметал дека вистински херои се само оние кои сакаат и знаат да работат.




