Колумни
Миа Гаврилоска, дипл. дефектолог: Дефектологот – мост меѓу потенцијалот и реалноста на детето
Пишува Миа Гаврилоска, дипл. дефектолог
Дефектологот не работи само со деца – тој работи со срца.
Во секој негов ден живее желбата да покаже дека секоја различност е вредност, а не пречка.
Во општество кое сè уште учи да прифаќа, дефектологот треба да биде погласен – не за да се наметне, туку за да го слушне гласот на детето кое понекогаш е премногу тивко.
Тој зборува во име на оние кои сè уште не можат, но длабоко сакаат да бидат разбрани.
Развиената моторика е темел на многу вештини – таа ја поддржува когницијата, говорот, јазикот и социо-емоционалниот развој. Преку систематска и мултидисциплинарна проценка, се реализира стимулација и индивидуализиран пристап што го поттикнува целокупниот психофизички развој на детето.
Дефектологијата е светлина во процесот на поддршка – таа обезбедува патоказ и помош за деца и возрасни кои се соочуваат со развојни и образовни предизвици. Ги следи сите аспекти на развојот – моторен, когнитивен, говорен и социјален – и навремено ги препознава можните пречки што можат да го забават напредокот.
Развојот на самостојноста кај детето оди чекор по чекор, со љубов, трпение и со стручност. Целта не е само совладување на вештините, туку градење на самодоверба – детето да научи да верува во себе, да донесува одлуки и да се справува со животните предизвици.
Да му помогнеме на детето да верува во себе е еден од највредните дарови што можеме да му ги дадеме. Самодовербата е темел на секој успех таа му овозможува на детето да не се плаши од грешки, да гледа на неуспехот како на дел од учењето, а не како на пораз.
Затоа, улогата на дефектологот, но и на возрасните околу детето, е да охрабруваат, да пофалат за секој мал успех, да слушаат со разбирање и да покажат дека трудот вреди.
Никогаш не смееме да ја заборавиме моќта на тимската работа – кога дефектологот, логопедот, психологот и оториноларингологот соработуваат, резултатот е секогаш поголем успех.
Дефектологот има огромна улога во инклузивниот процес, бидејќи тој е мостот што ги поврзува детето, училиштето, семејството и заедницата.
Инклузијата се темели на верувањето дека сите деца имаат право да учат, растат и да се развиваат заедно, во исто опкружување. Таа не значи само физичко присуство во училница, туку полноправно учество – детето да се чувствува прифатено, разбрано и вреднувано. Вистинската инклузија е токму тоа – кога срцето на детето се чувствува безбедно.
Проценката на целокупниот развој и навремено препознавање на тешкотиите во говорот, моториката, вниманието и когнитивните функции се клучни. Анализата на сите развојни области овозможува рана интервенција и насочување кон оптимален развој.
Дефектологот не се фокусира само на третман, туку и на превенција, едукација и поддршка на родителите, воспитувачите и наставниците – за да создаде поттикнувачка, топла и прифатлива средина за секое дете.
Постојат уште предрасуди дека дефектолозите работат само со деца со интелектуални тешкотии. Но, вистината е дека тие работат и со деца од неуротипичната популација – помагајќи им да ги развијат своите вештини, концентрацијата, самодовербата и социјалната зрелост.
Симбиозата меѓу дефектолог, логопед, психолог е неопходна – тимската работа е темел на успехот. Најголемиот успех е кога детето го достигнува својот максимум, а од неговите очи зрачи среќа.
Секој мал напредок, секоја нова изговорена реченица или совладана вештина е заедничка победа.
Не постои точно определен момент кога треба да се обратите кај дефектолог, но секогаш треба да се реагира ако се забележат застои во развојот – во говорот, моториката, социјалната интеракција или учењето. Раното препознавање значи подобра иднина.
Родителите треба да знаат дека развојните фази не можат да се прескокнат – секое дете има свој ритам и темпо. Токму во тие фази дефектологот е тука – да го насочи, охрабри и поддржи патот кон целосен и среќен развој.
Да се биде дефектолог значи да се биде срце што слуша, рака што води и светлина што покажува пат.
Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.



