Колумни
Д-р Кирјас Маја: Нашето секојдневие – се изгуби емпатијата, а на нејзино место дојдоа осудата и лицемерието
Пишува Прим. спец. д-р Кирјас Маја
Што се случи со нас?
Се изгуби емпатијата, а на нејзино место дојдоа осудата и лицемерието. Секогаш сме спремни за критика — особено кога противникот е во немоќ или кога го нема веќе меѓу нас. Ќе дојде ли време да се погледнеме во огледало и да размислиме за самите себе во тишина?
Зарем ние сме совршени? Зарем оној кого го осудуваме нема право на свој став?
Ни пречи ако некој чесно работи — зошто е успешен, наместо да се запрашаме што можеме ние да направиме за да станеме подобри.
Ни пречи кучето на комшијата, бидејќи во суштина не сме задоволни од самите себе.
Повозрасните, оптоварени со турски серии и со чувство на празнина, често несвесно го пренесуваат своето незадоволство врз најблиските.
Можеби е време и нив да ги вклучиме во активно, исполнето секојдневие — преку корисни психолошки емисии, организирани социјални дружби, креативни работилници и човечки разговори.
Тие имаат потреба да се чувствуваат корисни, слушнати и живи, а не затворени и деструктивни во рамките на домот, каде празнината само се продлабочува.
Но, не треба да ги заборавиме ниту младите.
Сѐ почесто гледаме како поминуваат покрај постар човек без да поздрават, без да помогнат кога некој носи товар, без да покажат елементарна култура и емпатија.
Се губи чувството на почит, а се засилува рамнодушноста.
Младите растат во средина во која родителите не им го пренесуваат најважното — да бидат луѓе.
Да прифатат дете со пречки како рамноправно, да не се потсмеваат, туку да охрабрат.
Да знаат дека еден гест на подадена рака вреди повеќе од илјада празни зборови.
Емпатијата не се учи од книги, туку се пренесува со пример — од домот, од родителот, од односот што го градиме секојдневно.
Лицемерието, за жал, стана наше секојдневие.
Се додворуваме за ситен интерес, наместо да останеме карактерно свои.
Осудата ни стана начин на живот, а забораваме дека и ние понекогаш заслужуваме да бидеме осудени.
Во животот секогаш постои акција и реакција.
Лош однос раѓа лош одговор, а оттаму — гнев и разочараност.
Но, кога наместо горчина ќе избереме разбирање, кога наместо осуда ќе понудиме збор со топлина — тогаш и реакцијата ќе биде поинаква.
Тогаш наместо ѕидови, ќе градиме мостови.
Заборавивме да се смееме искрено.
Заборавивме да помогнеме без корист, да се радуваме на туѓ успех, да понудиме рака наместо збор со горчина.
Да, парите се важни, но вредноста на човекот не се мери со нив.
Богатството не е во тоа колку имаме, туку колку души сме допреле со добрина.
Да не дозволиме човечноста да стане реткост.
Да ја вратиме емпатијата во секојдневието, да започнеме промена — со тивок, но искрен гест, токму денес.
Промената не почнува од светот, туку од нас.
Од еден збор помалку на осуда и еден поглед повеќе со разбирање.
Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.




