Кој каде и колку ќе се пронајде е тест на интелигенција, самокритичност пред самобендисаност. Паметниот решава проблеми – мудриот нема проблеми!
1.Визуелно-просторна интелигенција – Моќ за визуелизација, уживање во читање, пишување, сликање, цртање, составување пазли, лего коцки и слично. Проучување на мапи, графикони, видео-снимки и фотографии, на светот гледаат преку исклучително развиена мечта. Идеални професии :архитект, уметник, кореограф.
2. Вербално – лингвистичка интелигенција – Моќта на говорот, артикулација на реченица при усно и писмено изразување, добра меморија, способност за комуникација, дебатирање, развиена смисла за хумор и содржинско објаснување на нештата. Идеални професии: новинари, учители, писатели, адвокати.
3. Логичко – математичка интелигенција – Развиени вештини за решавање проблеми во комплексни задачи, уживање при размислување за апстрактни идеи, научни експерименти, нивна забава се крстозбори, ребуси, загатки…Идеални професии: научници, инженери, економисти, сметководители, доктори.
4. Телесно – кинетичка интелигенција – Јапоседуваат луѓето кои се движат грациозно и складно со телото, духот и телото им се во хармонија, го користат телото за да се изразат, имаат одлична физичка кондиција и затоа највидливи се кај танчерите, атлетичарите и актерите, како и кај оние кои се занимаваат со моделарство, конструирање и поправање.
5. Музичка интелигенција – Јасно е дека ја поседуваат музичарите, композиторите, наставниците по музичко и сите оние кои имаат смисла за музика, слух и ритам, лесно препознаваат тонови, музички нумери, лесно учат да играат и музицираат.
6. Интерперсонална интелигенција – Разбирање за сите околу вас, интерактивност, проценка на емоциите кај другите, препознавање на туѓи мотиви, желби, емоции, намери…Одлично развиени вербални и комуникациски вештини, способност за разгледување ситуации од најразлични агли, себеанализирање, самокритичност, креирање позитивна клима и решавање на конфликти. Идеални за лидери, а најчести професии се филозофи, советници и ПОЛИТИЧАРИ (вистински лидер не разединува туку обединува.)
7. Интраперсонална интелигенција – Личности свесни за себе, за своите доблести и мани, поврзани се со интроспекција и авторефлексија, често знаат да се повлечат во себе и тивко да ги анализираат проблемите околу себе, хипер сензибилни и чувствителни на околината . Такви знаат да бидат филозофите, писателите, теоретичарите и научниците.
8. Натуралистичка интелигенција – Исклучително свесни и за најсуптилните промените во своето опкружување и околина, ја сакаат природата, го анализираат и растителниот и животинскиот свет, а најчести професии се биолози, еколози, фармери, земјоделци, кулинари.
9. Егзистенцијална интелигенција – Според психологот Гарднер е можна, но не и загарантирана интелигенција. Ја имаа оние кои сакаат да размислуваат за филозофските прашања, за смислата на човековото постоење, егзистенцијализмот и моралните промени и проблеми. Најчести се во филозофските и верските кругови.
Бомбардирани од сите страни со реформи во образовниот систем, препукувања за валидноста на дипломите, стручноста на кадрите, објективноста во оценувањето и други „соломонски“ потези, ми доаѓа да вреснам оти интелигенцијата не е дефинирана само со дипломи, титули, работни позиции, информираноста, стекнат капитал … туку и со способност за постојано учење и прилагодување во нови и непознати ситуации.
Интересно, но психологот Гарднер не ја спомнува сексуалната интелигенција, за која не требаат дипломи и сертификати, но е од голема важност за интелектуалната зрелост и комплексност. СЕКСУАЛНА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА… Една од најтврдокорните предрасуди на кои ни книгите не им можат ништо, е предрасудата околу сексот и сексуалноста.
Дека сексот е „свет“ во име на создавањето потомство, а „грешен“ во име на задоволствата , се уште е во потсвеста на жените. Но една од големите вистини за сексуалното здравје е фактот дека често водење љубов го подобрува квалитетот на животот. Секако, водењето љубов на сигурно (познат партнер, заштита од сексуално преносливи болести и несакана бременост) е превенција за здрав сексуален живот. Сексот е кардиоваскуларна вежба за симнување на „лошиот“ холестерол, зголемување на кислородот во мускулното ткиво, зацврстување на коските и мускулите, зголемување естроген кај жените и заштита на срцето.
Во книгата „Сексуална интелигенција“ на д-р Шери Конрад и Мајкл Милберн , дадени се поразителни резултати од истражувањата. Една третина од групата испитаници од 18 до 39 години се изјаснила дека има секс еднаш месечно, а секој трет маж или жена оптимални два пати неделно! Истражувањата на оваа тема се специфични, а статистиката отежната, патем испитувале Американци, а не Балканци и не мораме да им веруваме, „не е морално бе Пиги“!
Но она во што мора да веруваме е фактот дека и покрај сексуалното образование, достапните информации, надминувањето на табу темите… ние сепак немаме ниво на сексуална интелигенција и развиен култ кон водењето љубов. Сексот не е спорт и не може некој да ужива во инстант секс и „мување“ за една ноќ, отколку во долгорочно градење на долга врска со заемно разбирање и љубов. За жал, долгите врски излегуваат од „мода“ .
Дури и бакнежите губат од вредност кога се расфрлаат без здрава инспирација. Еротската возбуда почнува со бакнежот, кога 150 пулсирања согоруваат 12 калории за 7 секунди, а за една минута и 50 калории , доволно да истопи милка со се лешници! Францускиот бакнеж активира 29 мускули, поттикнува адреналин и го забрзува пулсот, додека страсно се бакнуваме разменуваме хормони кои делуваат како афродизијак, 9 мг вода, 0,18 органски материи, 0,45 мг сол но и 250 бактерии кои го олеснуваат варењето…Затоа наместо Орбит џвакајте го партнерот !