Колумни
Понирање во женската душа
На патот кон успехот мора да имате повеќе пријатели отколку непријатели и покрај тоа што туѓиот успех тешко се простува. Вистинскиот пријател ќе ви се радува на успехот и ќе биде крај вас и со вашиот неуспех. Но женскиот успех сѐ уште е под лупа, микроскопски се набљудува дали е ,,чист” и веродостоен!
Многу често користиме реторичка изрека дека ,,зад успешна жена стои успешен маж” ( или обратно). Дали секоја друга комбинација е осудена на неуспех и дали секогаш мора некој зад некого да стои, зарем не веруваме во самостојноста на женскиот свет? Факт е дека во еден сѐ уште машки свет, на една жена и е полесно ако има машки столб на кој може да се потпре, маж кој ќе ги разбере и почитува нејзините желби, амбиции, вештини и способности.
По тој трнлив пат до успехот, вообичаено жената ја прашуваат ,,кој”, а не ,,што” стои зад неа (прашалниците продолжуваат со малограѓанска реторика во стилот кој е крај неа, над неа, под неа…)! Ако жената без машка поддршка го изоди тој пат, претпоставка е дека го жртвувала својот женски сензибилитет и ,,машки ” стасала до целта.



