Колумни
Татјана Алексиќ: Ајде да се муваме
Некогаш „Хајде да се волимо“ сега „ Ајде да се муваме“ – љубовен избор или реизбор на љубовта?Љубовта или сакањето добија нов неологизам, жаргонизам (читај идиотизам) т.н. „мување“ или површни љубовни врски без обврски.
Страв од прерано партнерско врзување или влегување во брак пред да се пробаат сите можни искуства е одбранбен механизам или мит на современата партнерска култура за рационален избор на идеален партнер. Рационален избор? Кога големиот психоаналитичар Фројд го прашале дали треба да се ожени со одредена и рационално одбрана жена, одговорил дека за избор на малите нешта во животот треба многу повеќе да се размислува отколку за големите нешта, како на пример женидбата.
Парадоксално и Фројдовски , но реално при избор на љубовта човекот почесто е ирационален отколку рационален, многу почесто не контролира потсвеста отколку свеста. Желбата за потрага по идеален партнер е исто што и потрага по подобра телефонска или интернет услуга, секогаш има подобра!



