Колумни
Татјана Алексиќ: Покажи ако имаш…
Дали моралот бавно се менува и колку сме способни да се прилагодиме на моралните промени? „Покажи што знаеш“ не толку бавно, но сигурно се промени во слоганот „Покажи што имаш“ и се прошири со максимата „Колку имаш толку вредиш“ која се зацврсти како наравоучение „Се’ се може кога се има“ за да триумфира со императивот „Со пари се може да се (пот)купи“!
Кога некој ќе заработи пари, чесно или нечесно сеедно затоа што веќе не знаеме што е што (исти недоумици и со моралот), веднаш ја покажува својата заработувачка. Се купува секаков подвижен, неподвижен имот како и имот во расчекор, за да се покаже етикетата „Имам – значи постојам“. Ако не се покаже исто како да го немаш, нема кој да ти завидува, озборува, побарува, изнудува…исто како да те нема!
Каква корист од скромност, сиромаштија, чесност па нека си и нобеловец? Какво задоволство од учењето ако не ги покажеш дипломите, сертификатите, наградите, признанија, импресивни професионални биографии…(во социјализмот дипломите ,благодарниците и ударничките значки висеа на sид како уметнички слики, наместо гоблени везени со вилерови конци).




