Тетовирани (прв дел)
Сегашноста е истетовирана повеќе од сето минато, тетовирањето стана современ феномен и инспиративна тема, особено во лето кога е видливо изложена во сопствениот излог на најголемиот човечки орган – кожата. Но кога нешто станува мода – веќе не може да фасцинира!
Феноменот тетоважа е стар колку и човештвото, некогаш користен за да ги маркира отфрлените, некогаш почестените, но тату симболите низ историјата не припаѓале на мејнстримот како во сегашноста. Најстари докази за тетоважа откриени се на територијата на Евроазија, околу петтиот милениум пред новата ера, а содржеле точки и линии на долниот дел од грбот, коленото и глуждот, што според научниците укажува дека се работело за акупунктурни точки. Тетоважите биле присутни уште од каменото време, препознатливи по скромни цртежи на рацете како знак за маргинализирани групи, подоцна во спиритуални и естетски цели, но со примитивни и болни техники на површинско засекување на кожата. Старите цивилизации различно ги користеле тетоважите, меѓу другото и во магиски цели, ритуално одбележување на поглаварите на племињата, често проследени со инфекции и смрт. Во древна Кина биле толкувани како варварски обичаи, но сепак користени како доказ на припадност на робовите кон робовладетелите, нешто слично како денешното жигосување на животни.
За разлика од древните времиња, поновата историја „тетовира“ некои нови и поинакви правила. Некогаш тетоважи можеле да се видат само на затвореници и проститутки, пардон, сексуални работнички, подоцна кај морнарите, војниците, а сѐ уште може да се сретнат жени со истетовиран крст на чело како симбол на верност кон бога, или бемка а,ла Мерлин Монро над усните. Тетовирањето во текот на 17, 18 и 19 век добива нова функција, темната страна на човекот „ dark side of the moon“ се црта на лицето на криминалците како казна или замена за нехуманото отсекување на носот или увото ( нова естетика на криминалот). Таканаречените Едо криминалците се тетовирале на темето со симболот на првата генерација самураи, Токигава ,за да одбегнат смртна казна, но егзекуторите им ја дереле кожата на тоа место пред да ги погубат.
. Џејмс Кук, патувајќи по Пацификот и запознавајќи разни егзотични племиња ќе го донесе во Британија за прв пат зборот „тату“, а неговиот офицер сер Јозеф Бенкс, инаку познат во аристократските кругови, ќе се врати тетовиран во конзервативната Англија. Секако и покрај озборувањата за тетовираниот претседател на Кралското друштво (The Rojal Society) сер Бенкс ќе остане запаметен по уредувањето на кралската ботаничка градина и интродукција на еукалиптусот, па „студените“ Англичани ќе му го простат егзотичниот хир на кожата. Во историјата е познато дека биле истетовирани кралевите Џорџ V и Едвард VII, рускиот цар Николај II и кралот на Данска Фридрих IX – ( подобро да се тетовираат отколку да се трујат во гнилото кралство) .



