
Колумни
Трета светска вирусна!
Нема историја без војни, човекот е воин, нагонски сака да војува и освојува, а никако да сфати дека во ниту една војна нема победници, секоја војна има само губитници, (па и кога се војни профитери) и завршува со глобален пораз, со човечки жртви.
Ковидот го предизвика човештвото и перфидно без најава му објави на светот Трета светска војна, различна од сите досегашни. Сега војни пунктови и жаришта се човечките организми и во зависност од генетиката, имунитетот и кондицијата на здравјето, таква ќе биде борбата. Спејс смарт вирусот не тропа на врата, не бомбардира, не пука, не коле, ниту беси, новиот невидлив воин е ,,посуптилен” кога напаѓа, оспособен е да онеспособува, го скенира телото, детектира слабости и разорува. Разорува и тело и дух, единка по единка, но не одеднаш и не сите еднакво, му дава време и шанса на човештвото, не е толку фашисоиден, колку што е перфиден.
Нема да се инфицираат екстремно претпазливите и к’сметлиите, оние кои не мора да излегуваат надвор од живеалиштата, ќе се изборат имунолошки силните и витални луѓе без коморбидитети, оние кои имаат добар одбранбен систем и тајно оружје, Т клетки. Фала Богу што вирусот е селективен, што дава можност да опстанат здравите, цврстите организми (она што е невозможно во класична војна, оружјето коси без дијагнози). Чистката на болежливите, некој во прва рунда, некој подоцна од последиците кои постепено докрајчуваат во облик на разни активирани болештини, алудира дека новиот милениум сака здрави генерации…


