Епа многу се ЛАЖЕМЕ
Вирулентноста на лагите е загрижувачка, капацитетот на подносливост преполнет, се шири на сите страни и меридијани, нема лек ни за лек!
Сеприсутноста на лагата како единствен начин за доживување вистина, стана императив на едно манипулаторско и ,, блеферско” општество. Лагата е јавна алатка на моќниците за нивните игри без граници и трговија со човечките души, но и на обичните смртници станува условен рефлекс за преживување или начин на делување. Некому нужност, некому карактерна особина и патолошка зависност, некому ,,бела лага” како еуфемистички начин да не го повредиме ,,излажаниот” и така во недоглед безброј нијанси невистини.
Невистина или лага, стилски изразена како литота, станува поприсутна и почесто користена од нелагата или вистината, па се навикнаве на лажењето како на животен стил, лажам за да живеам и преживеам. Без вистина се може, но без лаги никако или во духот на Паскал ,, говорење на вистина е навлекување на омраза врз себе “. Без оглед на искреноста и вистинољубието, ние возрасните лажеме и од куртуазност, лицемерие е и кога ќе прашаш некого ,,како е”, а всушност баш ти е гајле. Само малите деца не лажат, го немаат тој потенцијал, но затоа имаа богата фантазија и тогаш се многу слатки. Првите детски лаги се резултат на погрешно воспитување, страв од казни, одбранбен механизам на децата да не бидат карани и sвоно на тревога за преиспитување на родителите. Од друга страна, искуството на старите луѓе не дозволува лаги, освен ако не се резултат на склероза.



