„Flamboyant Blossoms“ – прва модна колекција на новиот македонски бренд Pink Lemonade
Петнасеттината стилски изгледи за пролет и лето зад чијшто дизајн стои нашата позната дизајнерка Стефанија Насеска, го сочинуваат првиот дел од колекцијата со цветни, шарени и впечатливи принтови и бои. Раскошните кроеви само го надополнуваат сплетот на елементи, кои ќе бидат карактеристични за брендот и во иднина.
Pink Lemonade е називот на новиот домашен бренд со моден потпис на македонската дизајнерка Стефанија Насеска, создаден за да биде носен од девојки и жени кои сакаат да изгледаат уникатно, смело и енергично. Првенче е колекцијата со симболичен наслов „Flamboyant Blossoms“, која ќе биде прикажана во два дела.
Првиот е веќе достапен за широката јавност, промовиран заедно со лансирањето на брендот Pink Lemonade, на социјалните мрежи. Станува збор за петнаесетина стилски и колоритни изгледи за пролет и лето, кои несомнено ќе ги привлечат погледите на минувачите, но пред сѐ ќе создадат чувство на среќа, задоволство, сигурност и самодоверба кај клиентите.
„Целта ни е да се позиционираме на пазарот како бренд во кој можат да се пронајдат повеќе типови на жени со различна градба на телото, а притоа да бидат единствени, забележани и полни со самодоверба. За да се осигураме во уникатноста, но и за да го направиме брендот повпечатлив, како појдовна точка ги зедовме принтовите кои се цртаат и изработуваат специјално за нас, а воедно истите ги сметаме и за наш заштитен знак по кој во иднина ќе бидат препознатливи колекциите.“ – истакнува дизајнерката Стефанија Насеска.










