Генијалците низ историјата
ГЕНИЈАЛЦИТЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА: Архимед
„Дајте ми потпора и ќе ја сменам Земјата” – Архимед
Генијален ум од времето на Античка Грција ( 287-212 п.н.е) запаметен по бројот Pi, волумен и површина на топката, закон за телата потопени во течност, пужна пумпа или навој, катапулт, небесен глобус, како и низа научни истражувања од домен на математика, физика и астрономија.
Неговиот свет на идеи, во пракса ретко кој ги препознавал. Таква е судбината на генијалните идеи, осудени се од просечната толпа до која не допираат. Од малкуте биографски податоци и документи забележано е дека бил предодреден за наука, на која ѝ се предал до крај на животот. Роден е во Сиракуза на Сицилија, (се наоѓала помеѓу Картагина и Римско Царство), со која владеел кралот Хијерон II, заинтересиран за прогрес на науката. Потекнува од угледно и богато семејство, татко му од мала возраст го учел на астрономски вештини за набљудување. Ќе стане познат астроном и инженер, но жеден за учење заминува за Александрија, финансиски, политички, воен центар на Египет и на хелинистичката култура. Тука се наоѓал и Музејонот, академски истраживачки центар со музеј, библиотека, универзитетски сали, посебни простории за научни истражувања, ботаничка и зоолошка градина.





