Наука
„Спејс Икс“ го лансираше интернетот во вселената
„Спејс икс“ на Илон Маск, основач на компанијата за производство на електрични автомобили „Тесла“, денеска во орбитата лансираше ракета со сателити за обезбедување на „глобален интернет“.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, лансирањето од воената авиобаза „Вандерберг“ во Калифорнија беше одложено неколкупати. Еднаш поради „дополнителни проверки на корисниот товар и неговиот модифициран штит“, а потоа поради силните ветрови во високите зони на полетот.
Првиот стадиум на ракетата „Фалкон 9“ се искористи повторно во денешното лансирање, нејзиното враќање и приземјување не се планираше. Штитот на полезниот товар се оддели успешно во третата минута од летот и „Спејс икс“ планира да го најде и да го искористи повторно.




