Сцена
РОМАН СИМОВИЌ: „Голема чест е што преку музика ќе им помогнеме на семејствата од Кочани“
Светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар, утревечер ќе настапи заедно со младите музичари од оркестарот на Институтот „Фејмс“ на хуманитарен концерт, чиј приход е наменет за семејствата настрадани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На денешната прес-конференција што се одржа во просториите на „Фејмс“ институтот, Симовиќ изрази огромна почит кон студентите со кои ќе настапи, како и кон самата институција.
– „Кога влегов овде, имав чувство дека сум влегол во Европската Унија. Организацијата е совршена, пробите почнуваат и завршуваат точно на време, а младите музичари ме воодушевија со својата посветеност. Свириме исклучително тешка програма, а јас ќе бидам и солист и диригент. Ќе ги водам преку слушање и внатрешно разбирање на музиката, што е голем предизвик за сите нас. Чест ми е што преку овој концерт, посветен на жртвите од пожарот, ќе придонесеме барем малку да донесеме утеха на нивните семејства“, изјави Симовиќ.






