Колумни
Достоинство или илузија?
Достоинство, горделивост или илузија ? Што е што и зошто ги изместуваме нивните значења, зошто создаваме илузија дека достоинствените луѓе се силни, недопирливи и над секоја ситуација?
Градејќи цврсти граници околу себе, под изговор дека тоа е одбранбен механизам од агресивната околина, луѓето со таква илузија за достоинство се далеку поранливи отколку што се и самите свесни за тоа. Затоа и градат sидови, за да се заштитат од покажување на слабост при било каков конфликт. Тие во духовната ранливост гледаат туѓа но и сопствена слабост затоа што предрасудите ги „дресирале“ да ги делат емоциите на дозволени и недозволени.
Плачењето е резервирано за понежниот пол, извинувањето за ниските родови, простувањето за еднорози или „рогоњи“, а признавањето на сопствената грешка – утопија и ништо од ова не е доволно достоинствено. Каква заблуда , илузија, гордост и предрасуда! Недопирливите се умислени дека се совршени и во своите грешки и гревови, но кој тоа да им го каже кога арогантно одбиваат совет или критика. Ако ги прекршиш нивните правила на игра, веднаш ќе те елиминираат и заменат со друг играч кој ќе мора да игра како му свират, по туѓ неавтентичен такт. Нивните принципи, критериуми и стандарди кои им ги наметнуваат на другите, најчесто и самите не ги владеат, тие воопшто не знаат за шега, што им импонира, оти се умислени дека смислата за хумор е за ниските родови, за недостоинствените.



