Колумни
Еден бакнеж песни рој
Толку убаво испеано од Нина Спирова, рефрен кој треба да ни е императив низ животот. Бакнежот ја има музикалноста на сите инструменти, се пее, опевува, свири, музицира, допира до космосот и се шири како ореол над сите земни суштества.
Бакнежот е наш почеток и крај, животот почнува и завршува со бакнеж, првиот бакнеж по раѓањето и последниот проштален бакнеж. Од сите бакнежи во животот најмногу се паметат романтичните бакнежи, оние кои ги отвораат портите на љубовта и страста, моќни колку и смртта. Не случајно во приказните бакнежите оживуваат, тие се депозит во банката на љубовта или како има забележано Перси Биш Шели “душата ја среќава душата на усните на љубовникот”.
Усните имаат сопствен ерос, нивната еротичност не е во обликот и големината, туку во волшебниот нектар кој излегува од нивната возбуденост. Најубави се усните на вљубените, набабруваат и поруменуваат исто како и нивното вљубено срце, а тоа не се глуми ниту вештачки доловува, може само да се доживува. Затоа, радувајте се на бакнежите како на најскапоцени нешта, тие се секогаш на списокот на најдлабоките желби и врвни остварувања, но не расфрлајте се со нив како со палома шамивчиња, бакнежот е јазикот на срцето, а срцето не секому и секогаш може да го дарувате ( колку и да е големо и широко ).



