Нова година – нова можност за поправен испит
Нова година е ново време за интимно преиспитување, за нови почетоци, за нов оптимизам ( дури и кога мириса на глупост) и нова шанса да ги подобриме нештата.
Секоја Нова година е можност за поправен испит, она на што сме ,,паднале” да го научиме и да не ги повторуваме истите грешки. Ако се преиспитаме кои зборови најчесто сме ги слушале, читале и изговарале во текот на изминатата година, ќе добиеме различни асоцијации колку и различни перцепции за себе и луѓето околу себе.
Интимно, кога ќе се соочиме сами со себе и најголемите оптимисти и чисти души, барем еднаш ги изговориле, слушнале или прочитале зборовите загаденост, загадување, опасно, отровно, токсичност, отров… Било во буквална смисла, било во преносна смисла, метафорично фразеолошки изрази како ,,токсични врски” , ,,опасно опкружување” или ,,отров човек” се изрази од секојдневието со кои се труеме.



