Улична катарза и уличарски ФБ препукувања
Дали улиците стануваат повозбудливи од книгите и театрите, а шетачите доживуваат улична катарза? Истото ни се случува и на фб профилите кои не профилираат такви какви сме!
Речниците се фасцинантни, од Вујаклија до Petit Larusse и назад , се среќаваш со илјадници поими и илустрации. Речник на синоними, симболи, окултизми, сексуален, медицински, речник на странски јазици…Штом ќе ги отвориш, отворен ти е светогледот!
Милорад Павиќ во Хазарскиот речник тврди дека инквизицијата ги уништила сите речници за Хазарите со отровната реченица: ,, кој ќе ги отвори, умира набоден на сопственото срце како на чиода,,! Но тоа било во средниот век, кога црквата ги забранувала книгите, сега никој не ги забранува, а ние одбираме катарзата да ја доживуваме на улица, или на фб порталите за препукување, веќе неспособни да се продуховиме и прочистиме во театар или низ книга.



