Колумни
Оној кој љуби…
„Оној кој љуби побожествен е од љубениот“ – Томас Ман во романот „Смрт во Венеција“. Но оној, кој се убива во име на љубовта не му е мил на Бога. Самоубиството поради несреќна љубов не секогаш е во облик на физичко самоелиминирање , не секогаш е страдање како на младиот Вертер во епистоларниот роман на Гете , ниту како очајот на несреќните љубовници во Шекспировите трагедии…
Невозвратената љубов е отров што перманентно убива и усмртува пред смртта. Така страдаа Татјана и Онегин во романот на Пушкин „Евгениј Онегин“ , не можеа во исто време да си ги разменат емоциите и страдаа првин таа па тој, а потоа обајцата во очајот на една невозвратена љубов во вистински час.
Тоа е и причината за многу љубовни маки, разминувањето на времето и местото. Невозможноста на привидно возможното го крши срцето на парчиња, а такво раздробено срце тешко повторно целосно да засака и да се предаде.



