Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

татјана алексиќ

Колумни

Врв(на) љубов

Почнувам со љубов, врвна љубов, а продолжувам со мислата на еден од врвните антички трагичари Есхил, во чии трагедии страдањата, крвопролевањата и болката предизвикувале катарза, или прочистување од истите на гледачите во древните театри.

Но, во неговите крвави трагедии прв пат се сретнав со убавиот збор „агапи“ , барем јас прв пат го прочитав неговото значење додека студирав компаративна книжевност пред повеќе од три децении. Есхил ја објаснува како врста на сентиментална, женска љубов, впрочем и поимањето на љубовта препознава разни врсти, платонска, пријателска, еротска… Многу години по многубожечката религија на древните Грци, агапи во христијанската религија добива ново значење на несебична љубов која се радува на вистината каква и да е, трпи и верува – вистинска божја љубов!

За божествениот писател Данте Алигиери, љубовта била двигател на светот, ги движела Сонцето, Земјата и sвездите, поетот божествено ги обединува платонската и персоналната љубов преку копнежот кон саканата Беатриче и копнежот кон Бога. Агапи е многу повеќе од врста на љубов, таа е општо човечка и космичка љубов, пат кон обожување, круг од Бога кон човекот и повторно враќање кон Бога. Тој пат е патот на индивидуација на човекот, на тој пат се среќаваат двете врсти на љубов, божјата која се симнува и човековата која се искачува, Херман Хесе во романот „Демиан“ ја толкува на естетски начин, а професорот д-р Владета Јеротиќ темелно ја разработува во истоимената книга „Индивидуација и (или) обожење“.

Во воведов набројав и се послужив со повеќе книги и писатели, навика на една учителка да направи маркетинг на книжарниците и библиотеките, но и да ги поттикне читачите, оти читањето книги не е само обележје на цивилизациски вредности туку и на култура и на образование.

Еден цивилизиран човек може да има во својата домашна библиотека многу непрочитани книги за украс и имиџ, но културен и образован човек живее со книгите, ги анализира, синтетизира, вреднува и применува што е врв(на) просветеност.

Просветата е врвна љубов во сите можни и неможни сфери, како на земја така и на небо. Просветителството како духовно движење се појавува кон крајот на 17 век, но многу порано кај грчките софисти ќе се пројави како зародиш насочен против конзервативизмот и верската нетрпеливост. Така од фанатизмот преку скептицизмот се стасува до критично и објективно мислење, а низ тој пат на просвет(л)увањето толерантноста е патеводец, како што му бил римскиот поет Вергилиј на Данте Алигиери низ Пеколот, пат на себеосознавање со увидување и признавање на грешките, заблудите и гревовите, но и толерирање (до извесна мера) на туѓите.

Христијански е да си строг кон себе си, а толерантен или попустлив кон остатокот од светот, но тоа совршенство му е рамно на Бога. Има разлика помеѓу крутост и цврстина, „крутата вера човекот го прави фанатик, а цврстата вера толерантен“ –Виктор Франкл, австриски невролог и преживеан логораш на холокаустот кој пишува за смислата на постоење и во најтешки услови во книгата „Mans’ search for meaning“.

Инспирација за досега напишаново ми е рефлексија од одбележувањето две децении од смртта на борецот од Река, д-р Нијази Лиманоски во Музејот на Град Скопје, токму на празникот 11 Октомври. Ја слушав ќерка му како зборува на, како говореше нејзиниот татко, чист и сочен македонски јазик, проф. Сузана Илиевска, ги слушнав неговите колеги и асистенти од Институтот за етнологија со каков пиетет и љубов зборуваат за неговите дела и врвната љубов кон својата татковина која ја живеел и доживувал како македонски муслиман, како Македонец со муслиманска вероисповед.

Неговата чиста исконска љубов кон корените докажува дека верската припадност не му припаѓа на фанатизмот, таа е доволно толерантна да се чувствуваш како Македонец, да зборуваш македонски , а да си го носиш муслиманското име и вероисповед како историско наследство без да ти ја намалат врвната љубов кон Македонија.

Од неговите забелешки, научни трудови и книги, од неговата мисла и патриотско срце многумина се исплашија, го оспоруваа и му се закануваа , но тој остави запис : „ … Како да се исплашија од забелешките што ги добија од албанските сепаратисти и националисти, од муслиманските душегрижници кои се јавија од Босна, , сите всушност се направија сопственици, сајбии врз Македонците муслимани, едните велејќи: што правите со муслиманите во Македонија, тие се муслимани; другите : тоа се Албанци; третите: тие се најстари наши Турци. А, Македонецот кој не си ја познаваше сопствената историја замре, се повлече заради мир во куќа. Историската шанса за нас беше прокоцкана 1970 година. Одев кај сите политички фактори и во Собранието и во Извршниот совет и во Централниот комитет и во Социјалистичкиот сојуз да им ја кажам тешката политичко-безбедносна состојба во Западна Македонија врз сето македонско население и од христијанска и од муслиманска вероисповед и дека во таа нечесна игра, за жал, рака под рака одат македонските и албанските функционери“.

Затворен цитат на д-р Лимановски, но не и на проблемот, кој за жал, се уште оди рака под рака со…Не сум компетентна за оваа тема, но како декларирана Македонка со српско потекло си го сакам милозвучниот, чист и сочен македонски јазик, доволно толерантна за да не бидам фанатик но и доволно загрижена за судбината на јазикот наш насушен кон кого чувствувам врвна љубов, како и сите ние Македонци, без оглед на потеклото и верската припадност.

Толерантноста не приближува кон индивидуацијата, различноста треба да не обединува, крајно време е да научиме да си го почитуваме и своето и туѓото пред да го докрајчиме веќе разнишаниот свет. Ќе завршат изборите, ќе пробереме што ќе ни се понуди, ќе завршат и обвинувањата, пресудите и казнувањата (секој со товарот на својата вина), ќе завршат богатењата и осиромашувањата па повторно ќе дојдат нови во други рува, ќе завршат и радостите и тагувањата…Само вечна да ни остане Македонија и македонскиот јазик.

Доста ни е од улични катарзи, нејзе и е местото во театрите. Нека ни е вечен празникот 11 Октомври и вечна слава на д-р Лиманоски заради аманетот што ни го остави, врв(на) љубов кон татковината.

Учениците ја обожаваат поради нејзината непосредност, пријателски однос и смисла за хумор. Професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ е негувана дама која држи до себе.

Повеќе од Колумни

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.