Колумни
Стареење
Староста почнува со честата реторика „ во мое време беше поинаку” (обично подобро) или со симптоматично читање некролози, а знае да пермутира и во драстични амбалажни промени за инает на гравитацијата!
Како и да е, третото доба е добродојдена неминовност, треба зрело и мудро да ја живееме и приземно да ја прифатиме. Но дали сме свесни за промените?
Често размислуваме ретроактивно и се враќаме во адолесценција која ја паметиме по секојдневно стискање мозолчиња, нерамноправна борба со влакната (повлакнести девојчиња од момчиња кои би пуштиле брада кога би им се можело), а темата секс само како пропаганден материјал. За таква табу тема можеше да се прочита нешто од книгите на д-р Аца Костиќ „Полно сазнање“ или да се види по нешто во трафиките каде на насловните страници на Старт или Зум Репортер се смееше едикојаси блудна тетка.



