Колумни
ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ: Кој на кого, ако не свој на своето?
Кога маж сака да ти каже дека толку многу те посакува што би скрнавел со тебе и да си му сестра, може да се наежиш од помислата колку е моќна страста, но и тешка како сиот подземен свет. Помислата дека во светот секое трето девојче и секое седмо момче се жртви на семејно сексуално насилство, здоболува до коска. Што би се случило со светот, ако се урнат сите табуа, ако се дозволат сите права на сексуална определеност?
Факт е дека предрасудите се социјално насилство, но уште поголем факт е дека не смеат да се урнат сите табуа во име на слободоумието, се додека човековиот ум е способен да скрнави.
Инцестот постои колку и човештвото, од египетските Птоломеи , Клеопатра, римските владетели, Калигула, Нерон… па до европските кралства. Древните „цивилизации“ биле склони кон инцест заради чување на богатството, територијата, сината крв. Вавилон пропаѓа и од разврат, вавилонската кралица Семирамида го озаконува инцестот и се жени со синот за да го сочува престолот. Племствата на Хабзбурговците , Савои и Бурбони ја чувале сината крв посинета од блуд и родоскрнавење. Данте Алигиери во првиот дел од „Божествената комедија“, „Пеколот“ ги казнува блудните ставајќи ги во вториот круг кој почнува со предупредување од Евангелието „широк е патот до пропаста“.



