Колумни
Татјана Алексиќ: Оптимизмот мириса на…
Очајно се обидувам да си ја вратам смислата за хумор и оптимистичкиот дух, но некој зли души перманентно и перфидно ми ги крадат, ден за ден, ноќ за ноќ, дури дрско и во сон.
Во таквиот очаен обид за себедозирање оптимизам, станувам очајно патетична , па ми текнува на реченицата од романот на Кундера ,,Шега“ каде Милан вели „ оптимизмот мириса на глупост“! Оптимизмот, во име на комформистичката рутина, станува алтернатива, како аналната наместо вагиналната пенетрација – некому убаво некому грдо, но изборот е твој … Ако сакаш да му се потсмеваш на светот околу себе почни првин од себе и без симулација.
Ние долго време живееме во симулакрумот на Коле Чашуле од драмата „Црнила“, нашите вистини и лаги се веќе изрежирани, улогите распродадени, публиката поделена, аплаузот извештачен. Мрзеливоста, комформизмот, лицемерието не направија машини , а кога не би се согласил да бидеш автомат , луцидноста, проникливоста не би се осмелиле да ја убијат спонтаноста. Хаотичен неред или стерилен ред, прашање е кога ако не сега? Стерилниот и изрежиран ред е без виталност, виновен за патетичниот оптимизам во „подобро утре“ кое посакуваме да ни се случи спонтано.



