Колумни
ТАТЈАНА АЛЕКСИЌ: Мразам – значи постојам!
Исто како глупоста и омразата нема граници, без ограничувања дрско влегува таму каде љубовта веќе не живее… Колективната омраза го носи товарот на минатото, сакајќи да го „поправи“ минатото ја расипува сегашноста веќе отруена од граѓанска и политичка некултура без слух за демократија, а со призвуци на национализам и верска нетрпеливост.
Натрупувајќи ја омразата во порите на општество, истото репродуцира агресија, конфликт и жед за одмазда. Мизантропијата предизвикува општествена ентропија, колективна невроза и хаос, а недостатокот на емпатија, морална и емоционална интелигенција создава услови за колективна омраза и потреба за насилства.
Во таквиот деструктивен циклус Танатосот го турка Еросот, омразата ја убива љубовта, живото ја губи виталноста. Ако способноста на човекот да мрази се усоврши, тогаш љубовта се онеспособува. Ако не успееме да се справиме со омразата во себе, нема да знаеме ни да се покаеме за направеното зло.



