Колумни
Татјана Алексиќ: Нема интимност, нема слобода!
Моќта на медиумите се надминува, медиумите веќе не се свесни колку им се може! Се што не постои на медиумските канали како да не постои во реалноста.
Телевизиите го трансформираат гледачот во воајер, а светот во реалност на тривијален спектакл. Дали се уште некој од редовните гледачи на популарните реални шоу емисии не го препознава сопствениот момент на вистината во Орвеловата порака преку романот „Животинска фарма“? Во неговиот роман животните имаат човечки особини, а на медиумските фарми е обратно! Во реалните шоу емисии се е релативно освен човечката глупост, таа е апсолутна, но до кога?
Медиумските влијанија и нивната перцепција се во коегзистенција. Обликувањето или ,,облекувањето,, на реалноста по вештачки медиумски пат е бесрамно соблекување на индивидуалноста и интимноста што е одземање на правото за слобода. Да се одрекнеш од својата интимност и приватност е психолошки проблем.



