Колумни
Татјана Алексиќ: Први мај – ден на прасето
Први мај – меѓународен ден на прасето, пардон, на работникот, залиен со цинизам кој се добива како микс од идеологијата на трудбеникот и театрологијата на неработникот.
Го славиме работникот во време на невработеност која ја крие својата статистичка вистина како и жена своите години (пак и се познаваат)! Колку многу е пишувано за трудољубието и работливоста!
Толстој бил најсреќен кога работел и тоа со селаните на нива без оглед што бил со грофовско потекло. Балзак бил веркохолик, за 51 година животен век напишал циклус од стотина романи и раскази, а за работата велел дека е закон на уметноста и на животот. „Треба да се навикнеме да работиме и потоа нема да можеме да живееме без работа, се на светов зависи од неа“ вели Луј Пастер, а Максим Горки сметал дека вистински херои се само оние кои сакаат и знаат да работат. Го почитувам Хемингвеј не поради Нобеловата награда туку поради максимата: „Секој се раѓа поради некакво дело и секој кој чекори по земја, мора да има свои обврски“. Трудот на нашите просветители е достојна за почит, Џинот во песната „Труд ми е името“ го става трудот на пиедестал пред мудроста и љубовта, зашто без труд нема ни мудрост, а ни љубов. Данте Алигиери мрзеливите ги става во петтиот круг од Пеколот, да пливаат во кал како прасиња.



