Колумни
Татјана Алексиќ: ПОЛТРОНИ, КАМЕЛЕОНИ И РАЗНОзаРАЗНИ АМОРФНИ ОКСИМОРОНИ…
Еден куп симуланти кои ги заземаат важните институции на системот и со агресивен авторитет, во име на законот и интересот на државата, како аждаи го уништуваат сиот цивилизациски систем на комуникација и мачно стекнатата општествена хармонија.
Полтронеријата е синдром на болно општество на потчинетост, слугување, подреденост и страв, без почит, без морал, без визија и без човечност. Полтроните се аморфни ликови, бесполни но со моќ за брзо размножување и менување на дресот кон тимот што победува. Тоа се тие што се вртат како сончогледи околу своите господари, а нивната компетентност за позицијата до која дошле непрофесионално, е рамна на неподнослива неумереност, неумесност и нестручност.
На полтроните им се важни личните амбиции, личното пред колективното и макијавелистички не одбираат средства да стасаат до скалилото на хиреархијата. Нивната гимнастичка вежба е крајно еластична, рбетот може да го свиткаат за полесно да ползат како безрбетници. Конформизмот им е единствен атрибут кој им виси над изгубената индивидуалност и слобода.



