Колумни
Татјана Алексиќ: Реалити шоу без камера…
Се поголемата гледаност на реалните шоу програми го потврдува фактот дека примитивизмот триумфира во гладијаторската арена на расчеречувањето на човекот!
Медиумската проституција стана императив, јавните сервиси јавни куќи, а медиумската култура бестијална политика. Наместа катарза по театрите на штиците што живот знаат, доживуваме (читај преживуваме) улична катарза, улицата стана медиум, медиокритет за јавна комуникација и „прочистување“ на наталожените фрустрации. А кога културата станува инструмент на било каква политика, тогаш спорни се двете!
Со неподнослива леснотија толерираме нетолерантни говорници, културната и политичка матрица на јавните личности од чии примери, сакале или не , црпиме (учиме не баш, оти од црпки се црпи). Прекинувањето на комуникацијата со светот преку еден нарцисоиден нагон дека не ни треба конкуренција за подобар квалитет создава паразитска и тривијална атмосфера каде културата се храни со горчливи голтки популизам.



