Колумни
Теломанија
„Ех да имам лепо тело плесао бих вече цело “ – Рок групата „Лабораторија звука“ , осумдесетите години на бившите Ју простори , преку песна стави акцент на телото.
Сега, во новиот милениум ,телото става акцент врз севкупниот живот, телата се отелотелија насекаде, триумфално ги има на виделина, на сите наслови од списанија, книги, це-диња, облеки, аксесоари, билборди, sидови, а најмногу во служба на интернетот, фб, инстаграм и снапчатот.
Низ историјата, ренесансата му сврти грб на средовековието и заостанатоста, наместо фрескосликарство со испоснички ликови, се сликаа портрети и актови како Гола Маја на Франчиско Гоја, здрави и едри тела полни со живот со суптилна еротичност и дефинитивно, вонвременска уметничка вредност. После црковните догми и стеги, природно беше да се појави ново културно, литературно и филозофско движење, Хуманизам и ренесанса, со кое ќе се препороди општеството и ќе се стави акцент врз човекот и неговата природа уште во далечниот 14 век. Но како сега да си го објасниме овој наш милениумски „препород“ , што изродивме во 21 век како нус појава на потребата за отворено размислување, демократија и борба против предрасуди? Отидовме ли во контра насока каде се изгубија основните естетски и етички принципи, без оглед на прогресивната технологија и медицина, одиме рикверц, а мислиме дека сме напредни и дека одиме напред . Ја прифаќаме и славиме голотијата, која се нуди во многу излози и амбалажи, се вративме назад во минатите развратни времиња на пропаднатите царства.



