Умртвени души
,,Среќен е писателот кој поминува покрај здодевни и одбивни карактери, а се оддава на возвишени ликови откинати од земјата , сокривајќи го жалното во животот…Сите му плескаат како на Бог! Поинаква е судбината на писателот кој се осмелува да го изнесе на виделина она што не го забележуваат рамнодушните и лицемерните…Современиот суд не признава дека цел амбис пукнал меѓу реалниот лирски занес и кривењето на панаѓурскиот акробат.” – Гогољ
Важноста на уважените критичари и цензори низ историјата, често била пропорционална со власта и интересот наспроти писателите, кои јавно критикувале и ризикувале.
Кога Гогољ го завршил првиот дел од романот ,,Мртви души” верувал дека делото ќе послужи како коректор на аморалното феудално – бирократско владеење во неговата бескрајно сакана Русија. Бил цензуриран од тогашните полтрони и додворувачи на рускиот монархизам на кои им бил поважен личниот интерес, отколку општествената морална рехабилитација.
Плиткоста и неукоста на таквите цензори не можела да ја препознае длабочината на неговите безвременски пораки, и со својата умисленост за компетентност се обидувале да го посрамат, убедувајќи го дека мртви души не постојат оти душата е бесмртна (тесноградо алудирајќи на симболичниот наслов)! Да, бесмртна е душата колку и душата на реалниот талент на Гогољ ,чија поезија е крик на ужас и срам на понижениот човек, кога ќе си го забележи скотското лице во огледало. Затоа, не лутете се на огледалото ако лицето ви е грдо…Веќе го изгубивме правото и за лутење !



