Зависта расипува сѐ што допира
Зависта, најнегативната човечка особина, на Адам и Ева им го расипала уживањето во рајот. Најубавиот ангел му позавидел на сонцето што свети посилно од него, од завист потемнел и станал црн ѓавол.
Каин од завист го убил братот Авел, Јаго од завист му предизвикал љубомора на Отело кој ја задавил својата сакана… Бескрајни приказни, митови но и вистини од кога постои човекот па до ден денешен. А денес, материјалистичкото општество со императивот ,,вредам колку што имам”, повеќе од три децении креира нерамноправен материјалистички систем на мал број моќници и сѐ поголем број сиромашни (средната класа полека но сигурно исчезнува).
Таквиот систем, во кој децата од најмала возраст се воспитуваат да вреднуваат според материјалните богатства, зависта е условен рефлекс. Природно е сиромавиот да му завидува на богатиот, гладниот на ситиот…Но кога имаш , а завидуваш што другиот има повеќе од тебе, веќе е патологија. Зависта е деструктивна, душевна болест која на завидливиот му го краде мирот и сонот.



