Занимливости
ТРАДИЦИЈА И ОБИЧАИ: Првото црвено јајце има магична моќ
Главен обичај што се изведува на овој ден и со посебно внимание е вапцувањето на велигденските јајца. Според обичајот најпрво се вапцувале три јајца, а потоа и другите.
В. Кличкова запишала дека во Порече, а тоа го среќаваме и во други краишта на Македонија, првото јајце било наменето на Господ и се викало Господово јајце, второто на домаќинот – главата на семејството, а третото на стоката и бериќетот. Особено повеќе обичаи и верувања се поврзани со јајцето првак за кое се верува дека има магиска моќ. Тоа подоцна стои пред иконата, со него се враќа облак, се лекуваат болести кај луѓето и стоката, тоа заштитува од пожар, гром и сл.
Јајцата ги вапцува домаќинката рано наутро пред да изгрее сонцето, зашто се верувало дека ако тоа се направело подоцна јајцата ќе се засмрдат. Вапцани пред да ги види сонцето, овие јајца, особено првакот, не се расипуваат и по неколку години. Кога ги вапцува јајцата домаќинката мора да има нешто јадено или да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие, да се разболи или да е несреќна, а и таа ако го разбие тоа ќе ја загуби магиската моќ.




