Сцена
Кина ќе го прикажува целото филмско творештво на Милчо Манчевски
Државниот Филмски архив на Кина обезбеди прикажување на сите филмови на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, низ земјата ќе ги прикажува „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“ и краткометражните „Четврток“ и „Крајот на времето“.
Во 2017, Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. На јубилејното 20. издание на фестивалот во Шангај во 2017 имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастерклас при Универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовираше негова книга со фотографии и есеи што е издадена во Кина. Беше поканет и да предава на државната филмска академија во Пекинг.






