Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Претплати се (Subscribe), означи дека ти се допаѓа (Like) и преслушај македонска музика

МК Сцена

Претплати се (Subscribe), означи дека ти се допаѓа (Like) и преслушај македонска музика

Корона вирусот го смени Светот за секогаш. По драмата настаната во Светот поради пандемијата предизвикана од вирусот, многу луѓе останаа без работа: На некои бизниси им се намали профитот, некои пак ставија клуч на врата. Но, има и такви кои препознаа шанса во оваа ситуација па успеаа профитот и да го пораснат. 

Несомнено, едни од најпогодените од пандемијата се и претставниците на изведувачите, инструменталистите, па и авторите. Главниот извор на приходи на најголем број од изведувачите, кантавторите и инструменталистите години наназад, да не напишам децении, се нивните настапи. Последниве 12 месеци тие настапи не постојат, едноставно се забранети согласно одлуките предизвикани од Корона вирусот. Типот на настапи што се дозволени (музички концерти) се регулирани со посебни организациски протоколи и немаат финансиска исплатливост.

Во обидот тимот на Регистарот да помогне, размислувавме и разговаравме за можни форми на помош што може да направи силен и голем импакт дојдовме на следнава идеја.

Васил Буралиев, Бојан Перевски, Марјан Доказа, Ива Зафировска, Емилија Буралиев
Ова е иницијален напис на континуирана иницијатива на ВБУ Музички регистар со цел да се поддржат оние што ја создаваат и изведуваат музиката што ја слушаме и сакаме.

Во периодов што следи (читај наредниве месеци) планираме:

  • редовно да креираме различни типови содржини за нашите активности поврзани со иницијативата;
  • редовно да креираме едукативни содржини за љубителите на музиката/граѓаните за тоа како може да се вклучат и како да учествуваат за да ја помогнат иницијативата;
  • редовно да креираме едукативни содржини за да и помогнеме на музичката заедница (музичарите, пејачите, пејачките, изведувачите, инструменталистите, авторите) полесно да ги идентификува можните канали за приходи во виртуелниот свет;
  • да ги мобилизираме медиумитебизнисите и јавноста во поддршката на македонската музика и оние што ја создаваат и изведуваат;

И покрај тоа што овој текст е долг и сложен, почнуваме со многу едноставен прв чекор.

Претплати се (Subscribe) на YouTube профилот на твоите омилени изведувачи (музички автори) и преслушувај ги нивните песни

Во ситуација во која на професионалните изведувачи им е оневозможен основниот извор на приход, неопходно е тие да се ориентираат на останати извори. Веќе познатите извори на прихот познати за оваа индустрија што ги познава развиениот Свет, кај нас се одамна закржлавени. Некои од нив се следниве:

  • продажба на музика преку купување на физички или дигитален медиум;
  • продажба на разни брендирани производи со ознаките и имињата на изведувачите/бендовите/авторите/инструменталистите;
  • тантиемите преку кои авторите остваруваат приход по основ на авторските права (www.zamp.com.mk) функционира (со еден забелешка дека овој систем може и треба да биде многу подобар), но за жал изведувачките права во моментот на пишување на текстов не се регулирани во Македонија;
  • позајмување на користење на брендот/името на изведувачите, авторите и инструменталистите на трети субјекти во разни реклами и креирање брендирани производи за трети лица и субјекти;

Според моите сознанија, сите овие извори кај нас се закржлавени и треба многу време и вложување за тие да се воспостават во некаков систем што би станал дел од домашната музичка индустрија, па така преку редовно аплицирање да овозможат некаков редовен приход за музичките професионалци.
Најболната точка и најтешкиот аспект за сите претходно споменати можни извори на приход е трендот и расположението на публиката, музичките консументи, фановите да платат за музиката што во пазарно базирано општество несмее да биде бесплатна.

Живото почнува интензивно да ја добива виртуелната димензија и кај нас (дигитална трансформација)

Ковид вирусот го „премота“ времето нанапред во најмала рака за 5 до 10 години. Иднината на човештвото подразбира интензивна дигитализација, поточно секој од нас покрај физички живот, ќе има и значајна виртуелна димензија што ќе влијае сериозно на физичкиот живот. Времето што го живее и нашето општество носи интензивна дигитална трансформација.

Покрај физичкиот живот, секој човек ќе има и свој виртуелен живот. Веќе тоа се чуствува и во нашето општество. Доказ за тоа е што многу сограѓани по будењето прво нешто што прават е земање на својот паметен телефон на кој го почнуваат бескрајното лизгање/премотување (scrolling) на содржините на социјалните мрежи при што го даваат својот одговор на дел од содржините со што учествуваат во виртуелната димензија на нивните животи. Се повеќе луѓето почнуваат да користат и дигитални сервиси за некои важни процеси од нивните животи.

Домашните изведувачи, автори, инструменталисти мора да го следат овој тренд ако сакаат да се адаптираат на новото време и новите услови диктирани од пандемијата, што се чини дека ќе потраат уште некое време. Прашање е кога ќе се создадат некои пристојни услови за враќање во старата нормалност, дали тоа воопшто и ќе се случи.

Добар дел од младите генерации добро го разбираат ова и го користат дигиталниот Свет за да создааат нови извори (покрај живите настапи за што добиваат средства) на приход. Практично за некои од нив, тоа се и основните извори за приход. Дигиталниот Свет за нив е природна околина.

Еден од најпопуларните извори што веќе го користат по младите генерации изведувачи и автори е оној што го овозможува YouTube и неговиот систем за монетизација.

Поставување содржини (песни, албуми или други забавно-едукативни содржини) на YouTube како извор на приходи

Покрај дел од младите изведувачи/автори, добар дел од ветераните и оние што се подолго во музичкиот бизнис во нашето општество прават напор за да се качат на возот наречен „модерни трендови“ и да почнат нова приказна во виртуелниот свет што ќе им овозможи барем некаков прихот за да може да ги поминат полесно овие тешки времиња за нив.

И покрај тоа што на прв поглед делува дека е премногу компицирано, во основа секој изведувач/автор/инструменталист (оној што креира содржина) треба да:

  1. Направи корисничка сметка (user account) на YouTube;
  2. Да постави содржина на личниот YouTube канал што може да се креира откако се направи корисничка сметка;
  3. Да се регистрира на партнерската програма на YouTube за да се добие пристап до сервисите за монетизација на поставената содржина;
  4. Да се промовира сопствената содржина до јавноста и фановите и додека овие ја консумираат поставената содржина ќе консумираат и реклами за што сопственикот на содржините (YouTube каналот) добива парички;

Работите се малку по комплицирани, но ова е основата и сметам дека е повеќе од доволна за овој иницијален текст за иницијативата.

Првите два чекора од листата погоре ќе може без поголем проблем да ги заврши изведувачот/бендот/авторот/инструменталистот. Но за оние другите два, потребен му е сериозен напор но и поддршка од фановите, љубителите на неговата содржина/песни.

ВБУ Музички регистарот креира иницијатива со која правиме напор да ја поддржиме музичката фела во нивните напори да се прилагоди на новите трендови, но и полесно да ја пребродат оваа „бура“ наречена Корона вирус.

Поддржи ја домашната музика

Носечкиот елемент на иницијативата е да се поттикне секој интернет корисник од нашето општество да почне со:

  • претплата (Subscribe) на YouTube каналите на омилените пејачи/пејачки, изведувачи, бендови, автори, инструменталисти од домашната музичка заедница;
  • редовно преслушување (консумирање) на песните (содржините) поставени од нашите домашни членови на музичката заедница на нивните YouTube канали;

За претплата (subscription) на YouTube каналот на омилениот изведувач потребно е помалку од 2 минути и нема да те чини ниту денар. Сѐ што треба да имаш е корисничка сметка на YouTube што ќе ја креирате еднаш.

Замисли, доколку на пример 500.000 граѓани се претплатат на YouTube каналите на нивните најомилени изведувачи, тие би направиле 500.000 претплати.

За изведувачот да може да аплицира со неговиот YouTube канал за сервисот за монетизација, потребни му се минимум:

  • 1.000 претплати (subscriptions); и
  • 4.000 часа прегледување на неговите содржини во последните 12 месеци;

Со направената проекција во претходниот пасус, тоа значи дека би можело да им се даде поддршка на 500 изведувачи/музичари/бендови/инструменталисти да добијат од 0 до 1.000 претплати со што еден од условите за да може да аплицираат за програмата за монетизација ќе биде задоволен.

Следната проекција ја правам за потребните часови на прегледување на содржините што треба да ги има секој музичкар на неговиот YouTube канал.

Доколку секој од проектираните 500.000 интернет корисници (граѓани) направи преслушување од 1 час во неделата на омилените содржини од неговиот омилен изведувач, тоа значи дека би се акумулирале 500.000 часа преслушување/прегледување на содржините. Тоа практично би значело дека 125 изведувачи (YouTube канали) би добиле можност да аплицираат на програмата за монетизација.

Со проекцијата опишана од претходно во која:

500.000 луѓе ќе потрошат околу 1 час да се претплатат на YouTube каналот на омилен изведувач/бенд/автор/инструменталист и ќе преслушаат негова соджина, би можело да им се овозможи на нови 125 YouTube канали (наши изведувачи) да добијат шанса за аплицирање за монетизација на нивните содржини преку YouTube.

Способни ли сме да направиме ваква формација? Можеме ли ова до го правиме во континуитет?
Јас сум убеден дека ова ќе направи значаен исчекор во поддршката на оние наши музичари што се обидуаат да ги изградат своите виртуени профили на YouTube што ги полнат со содржини што воедно и ги сакаме и ги консумираме.

Можеме ли? Да ги поддржиме, за да си помогнеме и себе си.

Испратете ни информација дека сте се претплатиле на омилениот музичар (YouTube канал)

Кога ќе се претплатиш (subscribe) на YouTube канал во сопственост на музичкар од домашната музичка заедница, испрати ни порака со твоето име и презиме (назив) и YouTube каналот/каналите на кој/кои си се претплатил, за да го објавиме тоа јавно на една страница на нашиот веб сајт што ќе биде посветена на оваа иницијатива.

На овој начин ти ќе добиеш соодветно признание како учесник во оваа иницијатива, а воедно ќе можеме и да го мериме успехот на оваа иницијатива.

Повеќе од МК Сцена

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.