Доделени наградите на 9. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“
Рускиот филм „На работ“ (On the edge) во режија на Едуард Бордуков е најдобар филм според жирито на сениорите на 9. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.
Продуцентот на филмот Михаил Дегтиар беше гостин на фестивалот и синоќа на затворањето во Кинотеката се заблагодари за признанието што му го дадоа младите од Македонија на овој филм. Станува збор за еден од ретките филмови посветени на мечувањето како спорт и вечните прашања за падовите и подемите на спортистите.
Белгискиот филм „Момче од вселената“ (Space boy) во режија на Оливие Перу е најдобар долгометражен филм според јуниорското жири. Најдобар краток филм според учесниците во оваа категорија е рускиот „Првата линија“ на Катја Бугрова. Најдобар долгометражен филм кај кадетите е „Врева“ (Vacarme) на Неган Трудел од Канада, а најмногу гласови за краток филм доби „Ми се допаѓа Спајдермен, па што?“ на режисерот Федерико Микали. За најдобар краток филм сениорите го избраа 13-минутниот „Правила на првиот секс“ (First-time sex rules) на Полина Кондратева од Русија.





