Сцена
ОСКАРИ 2016: „Ла Ла Ленд“ освои шест награди, „Месечина“ – најдобар филм
Мјузиклот „Ла Ла Ленд“, освои шест Оскари на тукушто завршеното 89. доделување на наградата на Американската академија за филмска уметност и наука, и тоа за режија, главна женска улога, фотографија, музика, песна и сценографија, но филмот „Месечина“ е прогласен за најдобар филм.
На крајот на убаво организираната церемонија дојде до голем гаф, кога Феј Данавеј, која со Ворен Бити ја доделуваше наградата за најдобар филм, погрешно прочита дека добитник е „Ла Ла ленд“. И додека режисерот Демиен Шазел и тимот ги држеја говорите и славеја, нивниот продуцент Џастин Хоровиц ги прекина, велејќи им дека дошло до грешка и оти „Месечина“ е најдобар филм.
Ворен Бити потоа додаде дека го добил ковертот со името на Ема Стоун и филмот „Ла Ла Ленд“, па се збуни и накусо запре, подавајќи и го на Феј ковертот за таа да го прочита добитникот. До забуната дојде поради тоа што за секој добитник постојат по два коверти, па на Бити и на Данавеј им бил даден оној за најдобра главна глумица, а не за филм.




