Актуелно
Награди за е-трговија: Ова се најдобрите за 2024 година!
Вчера, во хотел Мериот Скопје, се одржа свечената церемонија за доделување на македонските Награди за е-трговија 2024 – “E-commerce Awards 2024”, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Овој престижен настан привлече голем број на гости, вклучувајќи членови на Асоцијацијата, поддржувачи, партнери, жири-комисијата на наградите и најуспешните е-трговци во земјата. Гала вечерта беше исполнета со богата програма, одлична атмосфера и прослава на достигнувањата во македонската е-трговија.
Оваа манифестација е значајна за македонската е-трговија, бидејќи ги препознава и наградува најдобрите практики, иновации и достигнувања во индустријата. Наградите претставуваат признание за посветеноста, иновациите и врвната услуга на е-трговците, додека воедно ги мотивираат да продолжат со унапредување на своите услуги. „E-commerce Awards 2024“ не е само избор – тоа е иницијатива што има за цел да го поттикне развојот на македонската е-трговија, да ги истакне најдобрите практики, да ја зголеми конкурентноста и да им даде глас на потрошувачите, кои преку своите гласови учествуваат во изборот на најдобрите е-продавници.






