Да го прославиме Велигден во домовите, без собирања, да не си играме со здравјето и животот
Во пресрет на Велигденските празници да покажеме одговорност, да останеме дома, да не се собираме, групираме и строго да ги почитуваме заштитните мерки, посебно физичката дистанца од два метра, за да го спречиме ширењето на коронавирусот, апелираа вчера премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче.
Во однос на епидемијата чиј пик допрва не очекува, мора да се однесуваме сериозно. Импровизации, порачаа, не смее да има.
-Свесен за сите дилеми кои деновиве се отворија околу начинот на практикување на верата среде криза и за време на Велигденот, ве уверувам – има начин. Целиот свет поинаку го чествува Велигден оваа година. Исто ќе биде и кај нас. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите. Во храмовите ќе бидат свештениците и тие од таму ќе ги пратат своите пораки и молитви. А ние, мора да останеме во домовите. Нема импровизации со оваа работа. Тој што ќе отстапи го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи и ќе се однесува несериозно, загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот, рече Спасовски во видео-обраќањето.



