Трчајте во октомври за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон
Традиционалната хуманитарна штафетна трка „Подај рака 2020“, за поддршка на заболените од ретката болест Вилсон, годинава ќе се одржи во виртуелна форма и ќе трае во текот на цел месец октомври.
Шестото издание на трката, која ја организира Здружението на граѓани за поддршка на лица со оваа ретка болест – Вилсон Македонија, е поддржана од компанијата ОКТА и од Град Скопје. Од Здружението Вилсон Македонија велат дека се одлучиле за ваков формат на настанот со цел да ја продолжат традицијата, а притоа да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од корона вирусот.
„Заради состојбата со пандемијата, оваа година се одлучивме за поинаква форма на трката. Учесниците треба индивидуално да изминат најмалку еден километар, кога било во периодот помеѓу 1 и 31 октомври, потоа да нѝ испратат фотографија и со тоа да станат дел од виртуелното издание на „Подај рака 2020“. Не сакаме преку групен собир да ги изложиме на непотребен ризик ниту пациентите, ниту нашите поддржувачи. Веруваме дека и преку оваа виртуелна трка сите заедно ќе го кренеме гласот за поддршка на лицата болни од Вилсон. Се надеваме дека пандемијата ќе заврши што поскоро и следната година ќе ги вратиме насмевките, детскиот џагор и добрата забава во Градскиот Парк“, велат од Здружението Вилсон Македонија.



