Актуелно
Успешен почеток на платформата „СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ“ со два музички настани
Викендов, Скопје беше во фокусот на младите и нивната култура преку два музички настани, кои го одбележаа почетокот на активностите на платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ.
Едукативниот културен центар „Лабораториум“ во центарот на Скопје беше „окупиран“ со млада и повозрасна публика, заинтересирана за културната содржина креирана од два исклучително млади музички колективи.
На сцената во Лаб кафе се претстави младиот и надежен средношколски бенд од гимназијата Никола Карев – „Црно Собрание“. Бендот е активен од 2022 година и досега има едно регионално претставување во Белград, на регионалната смотра на средношколски бендови „БГ Инвазија”. Со еднакво присутни и активни членови на девојчиња и момчиња, со голема љубов кон музиката, бендот изведе неколку познати песни од познати македонски рок состави. Како изненадување за публиката, Црно Собрание отсвири и неколку нови авторски остварувања со што ја покажа својата амбиција за понатамошен музички развој. Преполниот Лаб Кафе со разиграна публика, само го потврди интересот и поддршката за „Црно Собрание“ и нивната работа. Платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ ја препознава оваа млада инцијатива како значајно музичко средношколско движење и ќе го поддржи натамошниот развој на „Црно Собрание“ и други слични инцијативи. Оттаму, едно од активностите што ќе следат е и издавање на нивен албум во живо за ПМГ Рекордингс, од концертот со кој настапија на отворањето на платформата.





