Вести
ЈАВНА ДЕБАТА: Ќе бидат објавени споредбени податоци за загадувањето во Скопје од апликацијата „Мој воздух“
Светската недела на вселената оваа година ќе биде финализирана со јавна дебата, во вторник, на 10 октомври, во 10 часот, во „МКЦ – Џебно кино“ на тема загадување на воздухот.
Оваа јавна дискусија е поддржана од програмата NASA Datanauts, во склоп на open.NASA, која претставува соработка со неколу индивидуалци од целиот свет со цел подобро искористување и промоција на отворените податоци за генерирање иновации и решавање глобални проблеми. Со нивна помош оваа дебата ќе биде промовирана на глобално ниво со цел да се посочи како македонските граѓани се здружуваат и ја користат технологијата за решавање еден ваков сериозен проблем.
Од организацијата велат дека оваа дебата ќе се фокусира на иницијатива за поголема соработка помеѓу државните институции, невладините организации и бизнис-секторот за креирање долгорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот преку: искористување на отворените податоци и транспарентност, креирање иновативни проекти од заеднички приватен и јавен карактер, прибирање креативни идеи од граѓаните, невладините организации и бизнис-секторот како и нивно активно вклучување.



