Како да ги заштитиме децата во услови на висока загаденост на воздухот
Во извештаите на Светската здравствена организација (СЗО) се наведува дека глобалното загадување на воздухот има огромно деструктивно влијание врз здравјето на луѓето, a особено врз детското здравје. Имено, нивните податоци укажуваат дека 93% од децата во светот на возраст под 15 години дишат токсичен воздух. Во неколку македонски градови, во зимскиот период, мерните станици честопати регистрираат високо ниво на аерозагаденост, која е опасна по здравјето на луѓето, а најмногу врз здравје на децата како најранлива категорија.
За штетното влијание на загадувачите во воздухот врз здравјето на децата и новороденчињата и за начините како да ги заштитиме кога загаденоста е превисока зборувавме со прим. д-р Марина Поп-Лазарова, педијатар, а водено и шеф на Одделот за педијатрија и неонатологија во ПЗУ „Ре-Медика“. Таа има 35 годишно работно искуство, а нејзина специјалност е неонатологијата, област на педијатријата која се состои од медицинска грижа на новороденчињата, особено болните или предвремено родените деца.
За ризиците од аерозагадувањето врз бременоста во феталниот период, таа вели дека фетусот додека е во фаза на развој е особено чувствителен на загадувачите присутни во опкружувањето на секоја бремена жена. Собраните докази од релевантни студии, покажуваат дека одредени загадувачи во воздухот, можат да имаат негативен исход врз текот на бременоста бидејќи делуваат врз здравјето на бремените жени.




