Актуелно
Ден на сесловенските просветители Кирил и Методиј
Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или Сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?
Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9 век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.
Константин бил роден во 826/827 година во угледно византиско семејство од Солун. Бил седмо и најмало дете на Лав и Марија кои му овозможиле врвно образование – се школувал на највисоката школа во Цариград, во царската палата Магнаур која имала ранг на универзитет. Станал библиотекар во Цариградската патријаршија во највеличествената црква во светот во тоа време – Св. Софија, а подоцна предавал филозофија на Магнаурската школа, каде што ја добил титулата Филозоф.



