Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Католиците вечерва слават Бадник, утре Божиќ

Актуелно

Католиците вечерва слават Бадник, утре Божиќ

Католичките верници и дел од православните христијани кои времето го сметаат по Грегоријанскиот календар денеска го слават Бадник, во пресрет на Божик, раѓањето на Исус Христос.

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов упати честитка по повод празникот Божик што утре го слават граѓаните на Македонија со католичка вероисповед.

 Божик го празнуваме не само како ден кој го обележува раѓањето на Исус Христос во историјата, туку уште повеќе како ден во кој Исус Христос на таинствен начин се раѓа во нашите души и во нашите срца. Задоволството е посебно, зашто ви се обраќам во годината во која нашата сограѓанка Мајка Тереза е прогласена за светица на Католичката црква. Таа скромна жена од нашето поднебје го предупредува целото човештво, но воедно и го повикува на голема одговорност кон заповедта на ова време. Свесни сме дека живееме криза на вредности и дека во нашиот живот сè е релативизирано и многу тешко се снаоѓаме во шумата од идеи, науки и секаков вид на понуди, се вели во честитката на бискупот Стојанов.

Оваа жена, посочува Стојанов, ни понуди силна светлина со која и покрај сето заматување во срцата и главите, сепак, можеме да ја препознаеме првата и најважна вредност, а таа е: да се биде човек.

– Го празнуваме роденденот на Исус Христос како Богочовек, но Тој според своето таинство се идентификува со секого, а пред сè со сиромашното, беспомошното и отфрлено дете. Св. Мајка Тереза нè потсетува дека да се љуби човекот значи да му се помогне тој да се спаси. Да се љуби таков, каков што е, а пред сè да се љуби сиромавиот и оној кој е на маргините на општеството.

Посакувам во овие божикни празници, сите вие да имате отворено срце и чувствителна совест за потребите на оние покрај вас кои имаат право на човечко достоинство, да им помогнете. На тој начин нека Исус низ вас и овој Божик се овоплоти, зашто некому сте му помогнале да биде и да остане човек. Во таква атмосфера нека е благословен Божик, Божик на делотворна Божја љубов. Мир Божји – Христос се роди!, стои во божикната честитка на бискупот Стојанов.

Божик утре го слават и Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква кои го прифатија Грегоријанскиот календар. Преостанатиот православен свет кој се води според Јулијанскиот календар, меѓу кои и Руската, Српската и Македонската православна црква, Ерусалимската патријаршија, како и дел од монасите на Света Гора, Божик ќе го одбележат на 7 јануари.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Актуелно

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.