Актуелно
Одбележување на Денот на планетата Земја
Со чистење зелени површини, засадување дрвца, запознавање со минерали и кристали и еко-конференција денеска се одбележува Денот на планетата Земја – 22 Април.
Во Народната канцеларија на Председателот на Република Македонија во Скопје ќе има запознавање со минерали и кристали од светот и од Република Македонија, меѓу кои и македонскиот рубин. Еден од организаторите на настанот Дејан Шкартов, кој е промотор на македонскиот рубин, смета дека презентацијата ќе овозможи нов пристап кон сознанието колку природните минерали се присутни во нашиот секојдневен живот, без да бидеме свесни за тоа.
– Првата асоцијација на темата „Планета Земја“ или „Природа“ најчесто е прекрасен пејсаж, или некаков приказ на богатството на појавни форми од растителниот или од животинскиот свет. Но, сепак, постои еден свет, кој е уште побогат со форми, бои, хемиски елементи и нивни комбинации, но кој е и најмалку познат – скриениот, волшебен свет на природните минерали и кристали, вели Шкартов.



