Актуелно
Потпишан Кодекс за фер и демократски избори
Во пресрет на утрешниот почеток на кампањата за предвремените избори за пратеници на 11 декември, сите коалиции и политички партии учесници на изборите, денеска потпишаа Кодекс со кој се обврзаа за фер и демократски изборен процес.
– Избори кои се фер и демократски и ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење придонесуваат за демократски развој на општеството. Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем на Република Македонија, истакна претседателот на ДИК Александар Чичаковски.
Токму затоа ДИК, како што рече Чичаковски, како надлежен орган кој се грижи за законитоста во подготовката и спроведувањето на изборите го подготви Кодексот за фер и демократски избори. – Со овој Кодекс политичките партии и учесниците во изборите се обврзуваат и си ветуваат еден на друг, како и на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе се придржуваат и активно ќе ги промовираат принципите на слободни и фер демократски избори, посочи претседателот на ДИК.



