Актуелно
Со Василичарско оро и палење на маските заврши Вевчанскиот карневал
Со традиционалното василичарско оро и палење на маските на двете друштва Горна и Долна маала во центарот на Вевчани, попладнево заврши Вевчанскиот карневал.
Зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, инспирирани од актуелните случувања изминатата година денеска ги посетија вевчанските семејства каде што има име Васил, Василиј и им ги честитаа имендените. Во утринските часови, пак, традиционално заедно со членови од семејствата беа на Вевчанските извори полнеа вода со која го правеа вевчанскиот кашаник со паричка.
Вевчани изминатите два дена претставуваше отворена театарска сцена, каде дефилираа голем број маскирани вевчанци, но и туристи од земјава и странство. Меѓу највпечатливите маски на годинашниот карневал беа милитантната терористичка организација Вевчански – ИСИС, прислушкувањето и странските разузнавачки служби, тајната фабрика за лични карти, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со тимот, професорката Тања Каракамишева. Се исмејуваа и актуелните политички случувања, владини проекти, опозициски гафови. Не помалку внимание привлекоа и маските на познатиот светски готвач Џејми Оливер, чудовишта, вампири, пекари, слаткари…, а не изостанаа и шегите за „облечените“ палми и македонската мисица Дунавка Трифуновска.



