Вести
Сообраќајот отежнат, забрани на повеќе патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато и во зимски услови, по влажни коловози и со остатоци од снег по коловозите по интервенција на екипите на Македонија Пат, а дел од патните правци се делумно или целосно затворени за сообраќај.
Сообраќајот е во прекин на регионален пат Тетово – Јажинце кај село Јажинце поради обилни врнежи од снег. Од утрово од 6 часот во прекин е сообраќајот на магистралниот пат А-3 Штип-Кочани поточно од село Крупиште до бензиска пумпа „Ваго“ поради чистење на снежни наноси. Затворен за сите видови патнички товарни возила е патниот правец од Штипска петља до Катланово. Поради наноси од снег во прекин е сообраќајот во двата правда на патниот правец Валандово-Стар Дојран и обратно на местото викано Бела Барака.
Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на планинските превои Стража, Маврово, Пресека, Ѓавато, Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, Струга – Ќафасан, Катланово – Велес и обратно и Плетвар. Укината е забраната за тешки товарни возила на Буково.



