Вести
Вевчански карневал со богата музичка програма, изложби и над 1.000 уникатни маски!
Во Вевчани деновиве се привршуваат последните подготовки за претстојниот ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ, една од најголемите културни знаменитости во Македонија која од 12-ти до 14-ти јануари го претвора ова место во голема отворена театарска сцена за единствениот спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава!
Благодарение на вевчанските василичари, уникатните маски кои за овој настан се подготвуваат во текот на целата година, нивната специфична порака и надалеку познатата вевчанска гостопримливост, живее вековната традиција на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност и уникатност.
Градоначалникот на Општина Вевчани, г. Сашо Јанкоски најави дека за време на манифестацијата се очекува карневалско дефиле со повеќе од 1.000 маски, потсетувајќи дека „настанот се случува само еднаш во годината на кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар. Благодарение на овие учесници кои ние во Вевчани ги викаме Василичари, оваа манифестација важи за најголемиот европски фестивал на сатирата и отворен театар без режија.“ За време на овие денови, Вевчани е подготвено да пречека околу 10.000 посетители кои покрај уникатната карневалска поворка, ќе имаат прилика да уживаат и во дводневната дополнителна програма, музички концерти и уметничка изложба. „Не ја пропуштајте шансата да сте дел од ова доживување. Ваше е само да дојдете, за забавата ќе се погрижиме ние“ – порача градоначалникот Сашо Јанкоски.



